Општинското основно училиште „Коста Рацин“ се наоѓа во општина Радовиш, с. Подареш. Во него се остварува задолжителното основно образование и е дел од единствениот воспитно-образовен систем.
Заради местоположбата и заради изграденото ниво на квалитетна работа опфаќа ученици од реонот и пошироко. Училиштето „Коста Рацин“ има свое подрачно училиште во с. Јаргулица.
Воспитно-образовната работа во училиштето се остварува на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
„Вратата на иднината се отвара со моќта на знаењето“
ООУ „Коста Рацин“
Историјат на основното училиште
Основното-општинско училиште „Коста Рацин“ се наоѓа во село Подареш во подножјето на планината Готен во живописна природа, а подрачното училиште „Коста Рацин“ е во село Јаргулица, двете се во склоп на Општина Радовиш.
Постоењето и развитокот на ООУ„Коста Рацин“ с.Подареш е поделено на два периода. Првиот, кога за учениците не било можно да го слушаат мајчиниот збор во процесот на наставата, туку учеле на српски и бугарски јазик. И вториот период, кој настапува по Втората светска војна, победата над фашизмот и ослободувањето на нашата земја, кога во училиштето за прв пат започнува да се изведува настава на македонски јазик.
Постојат податоци дека училиштето почнало со работа во учебната 1936/1937 година и тоа само во старата зграда во која што учеле голем број ученици во две смени и доаѓале и од оклоните села Злеово, Јаргулица, Покрајчево, Ораовица, Калуѓерица и Смиљанци. Во овие села имало училишта кои биле подрачни и во нив се учело до четврто одделение. Прв директор на училиштето бил Митко Пунев.
И покрај сите општествени неприлики училиштето не престанало со работа, туку секој први септември училишното ѕвонче ги повикувало учениците на настава.Со завршувањето на војните наставата во училиштето се изведувала исклучиво на мајчин македонски јазик. Училишната зграда која е изградена пред осумдеесетина години не била доволна да ги прифати сите ученици, кои имале желба да го започнат своето образование. Таа имала капацитет за само четири одделенија. Затоа во 1963 година започната е со градба нова зграда, која е завршена 1968 година, со што учебната 1968/1969 е започната во подобрени услови.
Првото име на училиштето било ОУ„Гоце Делчев“, а во 1985 година е преименувано во ОУ„Коста Рацин“, во тој период подрачните училишта од с.Злеово, с.Покрајчево, с.Ораовица и с.Калуѓерица се одвојуваат, а училиштето во с.Смиљанци се затвора бидејќи нема ученици. Така што во склоп на ООУ„Коста Рацин“ останува само ПОУ„Коста Рацин“ с.Јаргулица. Подрачното училиште во с.Јаргулица е во нова училишна зграда (тврда градба) комплетно е реновирано во 2005/2006 година и има капацитет за пет одделенија.
Во чест на патронот на училиштето, Коста Рацин- истакнат македонски поет и револуционер, автор на стихозбирката „Бели Мугри“, патрониот празник се оддржува секоја година на 03 јуни.
Од училиштето се излезени многу значајни и успешни личности: банкари, правници, економисти, лекари, учители, музичари и сл.Од изградбата поминаа многу децении, време на развиток, напредок, успеси. Изградени се и адаптирани неколку простории за училници, работилница за општо- техничко образование, библиотека и др. Паралелно со доградување на училишниот простор се менува и надворешниот изглед на училиштето, со убаво уреден двор,кој исполнет со цветни растенија им ги дава сите можности на учениците, потребни за одмор и рекреација.
Училиштето е тврда градба и има бруто површина од 4065 (m2), а нето површина со 1028 (m2). Училиштето „Коста Рацин“ е основано од МОН – Скопје, а верифицирано е во 1997 година, со број на акт 104003/1.
